34

ТИНЕЈЏЕРИ СТАНАА НАРКОДИЛЕРИ ВО МАКЕДОНИЈА

Возат брзи мотори, некои веќе седнале и во скапи автомобили, носат скапа брендирана облека

пишува: Наташа Црвенковска

n.crvenkovska@globusmagazin.com.mk

Тешките криминалци кои до неодамна го контролираа уличниот пазар на хероин, кокаин, екстази, марихуана и на другите опојни дроги добија замена со нова генерација дилери. Тоа се тинејџери кои низ скопските улици и „центри“ за дистрибуција на дрога крстосуваат со брзи мотори и мопеди без страв дека ќе бидат фатени и изведени пред суд. Тие, најчесто, со дрога ги снабдуваат своите врсници-тинејџери кои во Македонија важат за најмаргинализираната група наркомани, затоа што вниманието на сите надлежни е свртено исклучиво кон полнолетните зависници и големите дилери на дрога.

Ситуација станува се' позагрижувачка, бидејќи овие деца-дилери ги освојуваат и основните и средните училишта. Во трка по заработка, имаат добро разработен маркетинг, во училиштата, во дискотеките, во Интернет-клубовите првата доза на дрогата ја делат бесплатно на своите врсници, а потоа создаваат лоби-групи кои купуваат дрога за своето друштво, така што бројот на деца-наркомани во Македонија се шири со геометриска прогресија.

Екипата на „Глобус“ помина неколку дена меѓу скопските тинејџери во Градскиот парк, на Водно, меѓу старите и напуштени вагони помеѓу населбите Кисела Вода и Пролет, во Маџари, Порта Влае.... Ова е приказна што се роди на скопските улици.

Станува збор за средношколци помеѓу 15 и 17 години со веќе изграден став во животот. Треба да се заработат многу пари, бргу, сега и тука.

Возат брзи мотори и мопеди, некои веќе седнале и во добри автомобили иако немаат возачка дозвола, носат скапа брендирана облека, мобилни телефони од најновата генерација. Нивните девојки не се скромни девојчиња од соседството, туку „добро ситуирани девојки кои имаат амбиции да пробаат се' во животот“. Ќе ги сретнете на влезот од Градскиот парк, на паркингот на Водно, пред дискотеките, овие денови можеби се веќе добро лоцирани пред средните и основните училишта. Придржувани се од своите „пријатели“-деца на иста возраст, кои се корисници на наркотици.

За она што го работат зборуваат отворено и без страв. Тие се свесни дека се недопирливи пред законот, но истовремено несвесни дека заглавуваат се' повеќе во калта и дека нивниот крај, кога-тогаш, неминовно ќе биде некој од затворите.

Потекнуваат од растурени семејства, и тоа најбројни се оние семејства кои станале жртви на транзицијата и одвај составуваат крај со крај, од семејствата каде што родителите изгубиле надеж и волја за борба, верба во подобро утре, верба во општеството во кое живеат. Нивните деца одлучиле сами да се снаоѓаат во животот и го одбрале другиот пат. Ги следат трендовите на лесен начин на заработка на голема сума пари, не размислувајќи и немајќи чувство на одговорност, како и страв од последиците што произлегуваат од нивната работа. И најчесто успеваат.

Заработуваат многу повеќе од своите родители кои се жртви на транзицијата, а се распнати помеѓу неплатените сметки и борбата да се опстане до крајот на месецот.

Во целото истражување, сосема неочекувано откривме дека најдобриот познавач на целата ситуација е семкарот Веап Асани од скопската населба Чаир. Тој на влезот на Градскиот парк продава семки, кикиритки, леблебија. Малку подалеку кај Школката и кај фонтаната во Градскиот парк се и неговите два сина, едниот е малолетен и уште нема 13 години. Нивното работно време почнува во 21 часот, а завршува пред зора.

Со мирен и сталожен глас ја раскажува летната приказна за Градскиот парк, редејќи ги сликите како на филмско платно.

„Чуда сум се нагледал ова лето. Собирањето на овие деца им почнува по 21 часот и трае некаде до 23. Тогаш одеднаш од некаде се појавуваат групи деца на мотори и мопеди. Околу нив се создава метеж, сите се во тој момент многу радосни. Очигледно дневната доза следува... Потоа сите колективно легнуваат по тревниците, колективно пушат цигари, пијат се и сешто, понекогаш се случува да користат и шприцеви. Околу 2 часа по полноќ е кулминација - екстаза . Имав прилика да гледам како цели групи од десетина деца помеѓу 13 и 15 години се соблекуваат и цела ноќ седат буквално голи во паркот и не знаат што прават, срам ми е да ви ги раскажам сите приказни“.



Групите со моторите се задржуваат најмногу еден час, потоа си заминуваат на други пунктови каде што очигледно носат дрога.

И во полицијата се согласуваат дека старосната граница на дилерите се намалува. Меѓутоа, под нивна опсервација се големите дилери, наркобосови, криминалци кои се наоѓаат во мрежата на меѓународните синџири.

Раководителот на Одделот за борба против наркотици во МВР вели дека на зголемувањето на бројот на наркомани најмногу влијае ниската цена на дрогата.

„Доза хероин чини од 400 до 500 денари. Цигара марихуана чини 100 денари, додека една ’шибица‘ (пакување со три или повеќе цигари марихуана) се движи од 250 до 300 денари. Цената на една таблета екстази се движи од 250 до 400 денари во зависност од тоа за каква таблета станува збор. Тука се случуваат голем број измами и неретко додека не проба консументот не знае дали се работи за дрога или, пак, за обична таблета која нема никакво дејство“, вели раководителот на Одделот за недозволена трговија со наркотици.

Б.Н. Седи на мопед кој според слободна процена вреди најмалку пет илјади евра. Гордо вели дека наскоро ќе купи најнов модел на БМВ во Бугарија.

„Во втора година средно сум заработил повеќе отколку мојот татко за целиот свој живот. Тој уште вози раскантано ’фиќо‘, а јас ќе си купам БМВ, кој му е крив кога е глуп“, раскажува за својата снаодливост Б.Н., сега веќе ученик во трета година во едно од скопските средни училишта.

Дилерите на дрога во дискоклубовите, парковите, пред училиштата се се' помлади. Тоа се храбри, би рекла бестрашни момчиња на прагот на полнолетството, горди што нивните постари ’колеги‘, исто така, дилери по професија, ги одбрале за улични продавачи на дрогата.

Ваквите групи се се' побројни, а некои делови на градот се на прагот да станат зони каде што главните господари се ’тинејџерските банди‘“.

Б.Н. многу детално го објаснува функционирањето на наркобизнисот меѓу малолетните дилери. ,,Скопје важи за град со развиен наркопазар. Наркодилерите го имаат поделено Скопје на реони каде што нудат различна дрога, таблети и екстази. Секој има свој терен и тоа се почитува. Хероин, кокаин, опиум и синтетички дроги може да се набават во Гази Баба, во населбата Железарница и во Капиштец. Во трговските центри ’Беверли Хилс‘ и ’Олимпико‘ се нудат тешки, но и полесни дроги за почетници. Во овој реон спаѓаат и населбите Козле, Тафталиџе, Студентскиот дом ’Гоце Делчев‘ и Порта Влае. Голем наркопазар е лоциран меѓу улицата ’Џон Кенеди‘ и ’Дижонска‘ во Чаир. Во овој реон се нудат лесни дроги, марихуана, таблети за смирување, хептанон и метадон. Како најнов наркопазар се јавува просторот меѓу Клиничкиот центар“.

З.Н. од населбата Стар Аеродром е од несредено семејство. Таткото и мајката му се одамна разведени. Мајката во неколку наврати ги напуштала децата и конечно си заминала од дома оставајќи ги сами засекогаш. Тој морал да се грижи за својата помала сестра. Како малолетен почнал да продава дрога меѓу врсниците. Откако пораснал, се зголемиле и неговите апетити, мопедот сакал да го замени со автомобил и така продавањето дрога станало негова професија. Но, не за долго, полицијата влегла во неговиот стан и открила поголема количина наркотици поради што морал неколку години да помине во затвор.

Тој е извонреден сликар, изработува тетоважи, пирсови и се' што го следи овој тренд.

Просторот помеѓу скопската населба Кисела Вода и фабриката „Раде Кончар“, каде што се наоѓа „Влеча на возови“, е сива зона, претставува царство на наркоманите. Меѓу напуштените колосеци од железницата има многу стари и неупотребливи патнички и товарни вагони. Ова е целодневно престојувалиште на малолетните наркомани, а често го посетуваат и нивните дилери.

Б.Н. Работи како скретничар на патничка ранжирна станица во Скопје. ,,На споредните колосеци се наоѓаат голем број стари и напуштени патнички и товарни вагони. Тоа е една од зоните каде што најчесто се собираат малолетните наркомани“, вели Б.Н..

„Тука цел ден се движат малолетните наркомани и нивните врсници кои ги снабдуваат со дрога. Со првиот самрак, се собираат меѓу колосеците и одбираат некој од напуштените вагони. Седат и чекаат да дојдат дилерите. Еден ден во еден од вагоните најдовме речиси мртво девојче, немаше повеќе од 14-15 години.

На пеколна жештина пред неколку дена, тука, меѓу напуштените колосеци, во тревникот, дојде и на сонце застана едно девојче, стоеше повеќе од еден час како изгубена. Ја посматравме од нашата куќичка. Беше убава како кукла. Во еден момент некако смогна сила и извади од џебот телефон. Телефонираше и продолжи да стои. По дваесетина минути со мопед дојде еден нејзин врсник, ја гушна, и' тутна нешто и девојчето потоа се скри меѓу напуштените вагони“, раскажува Б.Н..

Малолетните дилери и малолетните наркомани се маргинализирана група. Ниту една институција официјално не води грижа за нив. Центрите за борба против наркоманија, полицијата и другите социјални служби во градот, главно, се преокупирани со полнолетните наркомани и со крупните дилери на дрога. Така, овие деца се оставени сами на себе.

Дискрепанца меѓу рационалното и глупавото е што целата битка против ова зло се сведува на едномесечни акции на „алфите“. Во нив како жртви паѓаат многу невини лица, деца, избрани според „непогрешливиот“ инстинкт на „алфите“, кои мислат дека со своите пендреци врз грбот на децата од 14-15 години ќе го решат проблемот, избегнувајќи притоа да влезат во Арачиново, Кондово, „Дижонска“, Гази Баба и да ги фатат главните дилери.

Влатко Деков, извршен директор на невладината организација ХОБС, смета дека е најбитно е да се сфати дека проблемот со децата кои консумираат и препродаваат дрога не може да го решат полицијата, обвинителство, судот, туку тоа претставува општествен проблем, кој бара систематски мерки и вклучување на сите државни институции, од семејството преку училиштето.

n Дрога во уЧилиштен двор Сите средни училишта се оградуваат и тврдат дека во нивното училиште ниту постојат ниту, пак, се тргува со дрога, заштитувајќи си го угледот на институцијата.

Дворовите на средношколските институции се места за регрутација. Скопје важи за динамичен град во кој првите контакти со дрогата се добиваат во дел од скопските кафулиња, на разни забави. Но, најчесто почнуваат со марихуана и со екстази што се многу популарни неколку години, посебно марихуаната, зашто има одредени својства што би сакале да ги доживеат.

Според анкетата која минатата година била спроведена помеѓу средношколците, повеќе од половина од средношколците од трета и од четврта година се изјасниле дека пробале марихуана. Средношколците биле инволвирани во продажбата на марихуана и тоа го правеле и во училишните дворови.

Социјалната структура на дилерите и консументите на дрога, кои се најчесто и едно и друго, е тешка и со продажбата го пополнуваат семејниот буџет. Ќе купи 100 грама хероин, кој ќе го продаде во текот на денот. Половината ќе ја искористи, а другата половина ќе ја продаде за да може и наредниот ден да си обезбеди дрога.

„Недостасува соодветна програма за превенција за дроги, како и регистар и евиденција на сите малолетни дилери и зависници.

Како голем проблем кој од година на година се' повеќе се наметнува е непостоење соодветна институција која ќе се грижи за здравјето на малолетните зависници. Единственото што може да се направи доколку некое дете се предозира е да се однесе на Клиниката за токсикологија и да се извести родителот дека тоа дете консумира наркотични средства. И каква корист од тоа кога родителите, главно, и самите знаат дека децата им се дрогираат, но ниту се едуцирани ниту имаат на кого да се обратат доколку се работи за малолетник. Поради непостоењето регистар за евиденција, во државата не се знае точниот број корисници на наркотични средства, а процените говорат дека нивниот број е над 30.000“, вели Влатко Деков, извршен директор на невладината организација ХОБС.

Како размислуваат младите: едноставно, да се либерализира наркопазарот за лесни дроги, како што е тоа случај во голем број европски држави. Зашто, сметаат тие, „зимање“ трева на журки е нивна индивидуална одлука, нивно право, велат. Станува незамисливо да се излезе во град без да се испушат еден или повеќе „џоинти“ или, ако сакате, „шибици“, онака групно во друштво да се сподели со сите „по еден дим“. Техножурките не поминуваат и стануваат ужасно здодевни доколку пред тоа не се вкуси барем една таблета „екстази“ по која посетителот станува „кул“, добива енергија за да може да го издржи напорот на енергично танцување до раните утрински часови. И така секој викенд или, уште подобро, речиси секој ден.

Пикање глава в песок, нетранспарентните обиди со полициски мерки да се реши проблемот нема да дадат резултат, потребна е осмислена акција во која ќе се почитува мислењето на младите, затоа што, сепак, ова се некои нови генерации.